Исхрана во раното детство (1-3 години)

toddler-eating-habits-240-thumb-240x240-809723

Кои се тие важни хранливи материи кои децата треба да ги внесат со храната?

Во овој период потребно е детето да внесе широк спектар на важни хранливи материи кои ќе го поддржат неговиот раст и развој.

Кои се тие важни хранливи материи кои децата треба да ги внесат со храната?

Тоа се протеините, јаглените хидрати и мастите, како главни хранливи материи кои треба да се внесат во поголема количина. Други важни елементи кои, исто така, треба да се обезбедат се минералите и витамините. Тие може да се внесат во помали или многу мали количини, но се од неопходна важност за правилно функционирање на целиот организам. Накратко ќе ја истакнеме улогата на овие хранливи материи поединечно за подобро да се разбере нивната важност и улога во организмот.

ПРОТЕИНИ

Рековме дека детството се карактеризира со интензивен, брз раст и развој кој зависи од создавање на нови клетки во организмот. Во тој процес учествуваат протеините, како основа за зголемување на клетките, нивната градба и изградбата на ткивата и органите, со што телото може да расте и функционира правилно. Протеините се изградени од аминокиселини кои се основен градивен елемент во нашето тело.Што се случува кога со храната не се внесуваат доволно протеини? Тогаш растот и развојот кај детето е забавен, функцијата на органите и ткивата сериозно е нарушена, лесно се појавуваат болести и подолго траат, односно опаѓа имунитетот, отпорноста на организмот. Која храна содржи доволно протеини и треба да биде вклучена во исхраната на децата? Тоа се јајцата, сите видови посно месо, риба, млекото и млечните производи, грав, грашок, леќа и житните растенија.

ЈАГЛЕНИ ХИДРАТИ

Јаглехидратите го даваат најголемиот дел од енергијата која е потребна за правилна функција на организмот, односно енергија да можат да се извршуваат сите функции на растот и развојот.Која храна содржи јаглехидрати и е важна за исхраната на децата? Тоа се лебот, оризот, компирот, гравот и растенијата слични на гравот, овошјето и зеленчукот, како и медот. Лош избор на јаглехидрати се сите слатки, кремови, бонбони и сокови со шеќер кои треба што помалку да им се даваат како храна на децата.

МАСТИ

Мастите се концентриран облик на енергија, во кој се концентрира и најголем дел од енергетските резерви во организмот. Сепак, една од важните функции на мастите е учеството во градбата на клетките (во клеточната мембрана) и нивната улога во обезбедувањето внес на некои витамини.Кои масти треба да бидат вклучени во исхраната на децата? Најдобар извор на масти за децата се: млечните масти, јајцето (жолчка), рибата, растителните масла. Лош избор на храна која содржи масти се: масно месо, мајонези, салами, колбаси, пржена храна (смоки, чипс), цврсти маргарини и храна која е направена од нив. Ваквата храна треба да се одбегнува кога се планира исхраната на децата.

ВИТАМИНИ И МИНЕРАЛИ

Витамините и минералите му се потребни на организмот во помала количина и затоа се нарекуваат и микронутриенти.Витамините и минералите овозможуваат нормална функција на телото. Тие се многу потребни за правилен раст и развој и одржување на доброто здравје кај децата.Ќе кажеме неколку збора за поважните витамини и минерали.

Витамин А

Храна богата со витамин А: јајца, хумано млеко, путер, сирење, џигер и некои риби, темно зелен зеленчук и овошје во вид на каротен, кој во организмот преминува во витамин А. Витаминот А внесен преку храна од ваков вид е неопходен за градбата и одржувањето на правилниот раст и развој на телото. Витаминот А е важен и за видот.

Витамин Ц

Храна богата со витамин Ц: овошје, какво што е црната рибизла, цитрусните плодови, јаболкото, вишната и зеленчук каков што е карфиолот, броколата, зелката, доматот, пиперката.Витаминот Ц штити од болести, како што е, на пример, грипот. Витаминот Ц учествува и во апсорпцијата на железото во дигестивниот тракт, а има и други важни функции во организмот.

Витамин Д

Витаминот Д го има во рибиното масло, јајцата, млекото и се создава во кожата кога сме изложени на сончева светлина.Витаминот Д е потребен за здрави коски. Ако го изложуваме телото на сончевите зраци доволно долго и почесто, тогаш му помагаме на витаминот Д, кој сме го внеле со храната, да биде многу поефикасен во заштита на коските. Заради тоа е пожелно децата почесто да прават прошетки и умерено да се изложуваат на сонце.

Витамини од групата Б

Групата на Б витамини е потребна за создавање на крвта и учествува во биолошките процеси во организмот за искористување на енергијата од нутриентите (масти, јаглехидрати и протеини) и за други важни функции на мускулниот и нервниот систем. Сите Б витамини се содржат во разновидна храна и со различна концентрација ги има во житните растенија, во месото, рибата, темниот зелен зеленчук, гравот, грашокот, јајцата.

Калциум

Еден од минералите што најмногу го има во нашиот организам е калциумот. Тој е потребен за цврстината на коските и за здрави заби. Најдобар извор на калциум е млекото и млечните производи. Ако децата не консумираат доволна количина на млеко, јогурт и сирење секој ден, тогаш нема да можат да ја обезбедат потребната количина на калциум. Друг добар извор на калциум се цереалиите и нивните производи. Во раното детство, од 2-4 години, децата имаат поголема потреба од оптимални количини на калциум во однос на доенечкиот период, а со возраста количините постепено се зголемуваат.

Што се случува кога не се внесува доволно калциум во организмот?

♦          Коските и забите нема да бидат доволно цврсти;

♦          Бидејќи коските ќе растат со побавно темпо, детето нема да ја постигне оптималната висина за неговата возраст;

♦          Ќе се наруши активноста на мускулниот и нервниот систем.

Железо

Во нашиот организам има и други минерали во помала количина, но нивната функција е многу важна. Еден од нив е железото. Тоа генерално го има во храната како што е: месото, јајцата, гравот, младиот грашок, леќата и темно зелениот лиснат зеленчук. Заради подобрување на внесот на железото треба да се внесува и поголема количина на витамин Ц. Затоа треба да се одбере зеленчук во кој има и повеќе витамин Ц. Во периодот од 1 до 3 години децата треба да примаат со храната оптимални количини на железо заради нивниот интензивен раст и развој во тој период во однос на децата од 4 до 6 години кога растот не е толку интензивен.

Што се случува кога има недостаток на железо во нашиот организам?

♦          Се нарушува составот на крвта, што доведува до состојба која медицински се нарекува анемија. Тоа е состојба кога крвта, заради недоволната содржина на железото, не може да ги снабдува ткивата со кислород. Преку железото кислородот се пренесува до секоја клетка;

♦          Децата со анемија имаат бледа кожа, немаат апетит, се чувствуваат изморено и лесно се разболуваат;

♦          Анемија од недостаток на железо е значаен нутритивен проблем кај малите деца.

ПАМЕТЕН ПРЕБАРУВАЧ

.

.