Правилна исхрана на доенчиња и мали деца (четврти дел)

detealergija

Дохранување при вегетаријанска исхрана

Алергија на храна

Превенција од алергии на храна

Состојби поврзани со алергија на храна (Целијакија)

 

Дохранување при вегетаријанска исхрана

Со правилна нега, разновидна вегетаријанска исхрана може да ги обезбеди сите нутриенти потребни за правилен раст и развој на бебето. Принципите за дохрана се исти за вегетаријанската како и за невегетаријанската храна. Сепак, енергијата и содржината на железо кај вегетаријанската исхрана може да се ниски, а содржината на растителни влакна да е висока, во споредба со невегетаријанската исхрана. Затоа е важно нутриентите кои се обезбедуваат преку месо или риба да бидат обезбедени преку други извори. Мешунките и другите замени за месо, како јајца или тофу, треба да се даваат два пати дневно. Овошјето и зеленчукот треба да се даваат заедно со замените за месо, затоа што витаминот Ц ќе помогне во апсорпцијата на железото.Едноличните вегетеријански, а особено веганските диети, во кои воопшто нема производи од животинско потекло, не се препорачуваат за дохрана на бебињата затоа што преку нив е тешко да се обезбеди енергија и нутриенти кои им се потребни на децата.

Алергија на храна

Поголема е веројатноста алергија на храна да се развие доколку има фамилијарна историја на атопија (зголемен ризик од алергиска болест како астма, егзема, алергија на храна, полен). Во такви случаи, најдобро е храната која има алергиски потенцијал постепено да се воведува, една по една. Таа храна не треба да се воведува пред 6 месеци и треба да се започне со многу мала количина. Вообичаено, алергиите на храна потекнуваат од млеко, јајца, соја, пченица, јаткасти производи, семиња, риба и школки.

Превенција од алергија на храна

Се смета дека за појава на алергиите на храна големо влијание има исхраната на мајката во време на бременоста и во периодот на доењето. Постојат сознанија дека има позитивна корелација помеѓу појавата на алергиска болест кај деца чии мајки, за време на бременоста, земале висококалорична и мрсна храна и внесувале малку овошје и зеленчук (помалку од три порции неделно).Одредени студии кои го истражувале ефектот на доењето врз појавата на алергии на храна покажале дека најмалку 12 недели ексклузивно доење заштитува од алергиски заболувања, и тој ефект е поголем дури и од постоење на фамилијарна историја за атопична болест. Кравјо млеко не треба да се користи пред бебето да наполни една година. На тој начин се намалуваат алергиските манифестации и егземот. Понекогаш се прави забуна помеѓу интолеранција на лактоза (вид млечен шеќер) и алергија на кравјо млеко. Алергијата на млеко е реакција на имуниот систем на телото на еден или повеќе млечни протеини, а симптомите се јавуваат и кога ќе се консумира многу мала количина млеко. Алергија на млеко се јавува најчесто во првата година од животот, додека интолеранција на лактоза е почеста кај возрасните. Дополнителната исхрана треба да отпочне со додавање на една до две намирници неделно, и тоа овошје и зеленчук и житарки без глутен, а потоа постепено се додава и друга храна. Треба да се избегнува давање кравјо млеко и белка од јајце до една година, кикиритки и јаткасти плодови до три години, а јагоди и малини може да се додаваат по една година. Треба да се внимава, ако има фамилијарна анамнеза на алергија на одредена храна, таа храна да се даде колку што е можно подоцна во вообичаениот календар на воведување на дополнителната храна кај доенчето.

Состојби поврзани со алергија на храна

Целијакија (чувствителност на глутен)

Целијакија е вродено гастроентеролошко автоимуно заболување кое се карактеризира со осетливост на храна која содржи глутен. Глутенот (синџир на протеини) го има во пченицата, јачменот, овесот и ‘ржта, како и во производите подготвени со нив. Го нема во пченката и оризот. Доколку со храната се внесе глутен, дури и во минимални количини, храната едноставно не се задржува во организмот туку по пат на течни и обилни столици се исфрла, така што ништо од хранливите материи не се задржува во организмот. Имуниот систем на организмот има силна реакција на глутенот и таквата реакција предизвикува оштетување на ресичките на тенкото црево, па ресорпцијата на хранливите материи е оневозможена. Со тек на време, лигавицата на цревата станува рамна, со редуцирана зона преку која се апсорбираат нутритивните материи. Исто така, воспалителните промени кои се јавуваат под површината на лигавицата придонесуваат кон ова оштетување и на крај постои целосно нарушување на функцијата на цревата.Болеста најчесто се регистрира кај деца. Клиничкитe карактеристики на болеста генерално се должат на малапсорпција на важните нутритивни материи (јаглехидрати, белковини, масти, минерали и витамини).Симптомите се: повраќање, долготрајни проливи, чести и обилни масни столици, губење во тежина, слабеење, слаба мускулна маса, губење на апетит, надуеност на стомакот, анемија, омекнување на коските и друго. За да се утврди дали постои ова заболување се прави анализа на крвта за антитела на глутен, ткивна трансглутаминаза и утврдување на генетска предиспозиција, со што може да се добие 80% потврда на дијагнозата. За 100% потврда на дијагнозата потребно е да се направи биопсија од слузницата на тенкото црево. Раната дијагноза може да придонесе за спречување на развојот на болеста, со примена на строга безглутенска диета во текот на целиот живот. На тој начин состојбата потполно се нормализира.

ПАМЕТЕН ПРЕБАРУВАЧ

.

.