Правилна исхрана на доенчиња и мали деца (трет дел)

dohrana-i-recepti-300x200

Исхрана на бебето по шестиот месец

Дохранување

Фази во дохранувањето

Храна која не треба да се дава пред 6-тиот месец

Втора фаза во дохранувањето (7-9 месеци)

Трета фаза во дохранувањето (9-12 месеци)

Што треба да се избегнува

Додавање на пијалоци

Шема за исхрана на бебето од раѓање до 12-месечна возраст

 

Исхрана на бебето по 6-иот месец

Дохранување

Дохранувањето претставува воведување на дополнителна храна, позната и како цврста храна, која се додава по доењето или почетната инфант формула. Дохранувањето е постепен процес којшто треба да започне на возраст од околу 6 месеци и да продолжи до возраст од една година.

На околу 6-месечна возраст (заради сè поинтензивниот раст на бебето), резервите на определени нутриенти, како на пример железото, почнуваат да се трошат и заради тоа потребни се дополнителни извори за нивно надополнување. Актуелните препораки за доење сугерираат ексклузивно доење во првите 6 месеци од животот, а потоа започнување со дохрана. Иако дохраната може да почне порано, сепак таа не треба да започне порано од 17-та недела од животот на бебето.

Тоа е многу важно да се знае од следните причини:

♦          Раниот почеток на дохранување може да доведе до отфрлање на мајчиното млеко, односно бебето ќе престане да посакува мајчино млеко;

♦          Бебињата можат да бидат изложени на некои микробиолошки предизвикувачи на болести;

♦          Зголемување на ризикот од болести поврзани со дијареа и алергии, заради сè уште незрелиот стомачно-цревен систем на бебето.

Сепак, дохранувањето не треба да започне и подоцна од 6 месеци затоа што:

♦          Недоволниот внес на енергија и важни хранливи материи може да доведе до забавен раст на бебето;

♦          Може да се појави неисхранетост;

♦          Може да се појави железодефицитна анемија;

♦          Можни се и попречувања во физичкиот и интелектуален (ментален) развој на бебето;

♦          Може да се појават проблеми со исхраната во иднина и намалено прифаќање на храната во периодот на раното детство.

Бебето е подготвено за дохранување доколку:

♦          Почнува да покажува интерес за храна;

♦          Способно е да седне иако сè уште му треба помош;

♦          Сака да џвака и става предмети во уста;

♦          Способно е да посегнува и прецизно да фаќа;

♦          Изгледа дека е гладно и по доењето или хранењето со млеко.

Нешто што е многу важно и што треба да се знае е дека дохранувањето треба да почне кога детето е потполно здраво.

Фази во дохранувањето

Почетна фаза

Во почетокот, целта на дохранувањето е бебето да се навикне на присуство на храна во устата којa е различна од млекото, бара дополнителна акција на џвакање и доаѓа преку лажичка.Првата фаза е чувствителна во однос на развојот на вкусот кај детето. Затоа треба да се додава храна со различен вкус и мирис со што ќе се спречи бебето да пребира храна во иднина. Не треба да се заборави дека во оваа фаза главен извор на енергија и внес на хранливи материи е мајчиното млеко или адаптираното млеко за доенчиња. Целта на оваа фаза е детето да се навикне да добива храна со лажичка.

♦          Најдобро време за почеток на воведување нова храна е претпладне, кога бебето е наспано, не е изморено, раздразливо или многу гладно;

♦          Новата храна се дава постепено. Се започнува со 1 мала лажичка првиот ден, 2 лажички вториот и така треба да се достигне цела порција за 7-8 дена;

♦          Треба да се вклучува само по едно ново јадење неделно. Така најдобро ќе се внимава како бебето реагира на дадената храна. Ако бебето упорно ја одбива храната која му се дава, таа треба да се исклучи привремено и да се почне со друга храна која е слична по составот;

♦          Најдобро е да се отпочне со еден вид јадење во вид на меко пире (а, не мешавина од разни видови производи), на пример, еден вид овошје, зеленчук или бебешки ориз. Тие единствено можат да бидат помешани со млекото кое бебето вообичаено го добива. Треба да се почне со неколку лажички еднаш во денот кога бебето не е премногу изморено или гладно;

♦          На храната која му се дава на бебето не треба да ѝ се додава сол или шеќер;

♦          Зачестеноста и количината на храната пополека треба да се зголемуваат на два пати или максимум три пати дневно;

♦          Важно е да се следи ритамот на јадење на бебето и да се планира доволно време за процесот на хранење;

♦          Бебињата полека треба да се охрабруваат да научат самите да се хранат, на пример, да им се дава сопствена лажица додека некој друг ги храни со друга лажица;

♦          За време на оваа фаза на дохранување, бебињата сè уште ги задоволуваат најголем дел од своите потреби за храна преку доење или хранење со шише со млечна формула;

♦          Треба да се знае дека со почетокот на хранење со новата храна ќе се појави и промена во конзистенцијата и честотата во испразнувањето, односно во столицата. Тоа е сосема нормално и зависи од видот на храната која е вклучена;

♦          Дохранувањето треба да биде во пријатна атмосфера и може да се одвива во присуство на другите членови на семејството. Така ќе почне да се привикнува и радува на самиот чин на јадењето.

Храна која не треба да се дава на бебето пред да наполни 6 месеци

Заради тоа што на имуниот систем на бебето му треба време да се развие, некои видови храна/производи не треба да бидат вклучени во дохранувањето пред шестиот месец, за да се намали ризикот од развој на алергии или можноста за бактериска инфекција. Тука спаѓаат: житарки, Заради тоа што на имуниот систем на бебето му треба време да се развие, некои видови храна/производи не треба да бидат вклучени во дохранувањето пред шестиот месец, за да се намали ризикот од развој на алергии или можноста за бактериска инфекција. Тука спаѓаат: житарки.

Втора фаза во дохранувањето (од 7-9 месеци)

По почетната фаза на дохранување, бебињата треба да почнат да добиваат храна со разновиден изглед и вкус. По 6 месеци на бебињата може да им се даваат млечни производи, оброк кој содржи пченица, како и оброци коишто содржат различни видови протеини. Како што полека се зголемува квантитетот на додадената храна, така треба да се менува и нејзината мекост, преминувајќи од мазни пиреа кон здробена или гмечена храна.

Храна, односно јадења коишто треба да се додаваат во оваа фаза се:

♦          Пиреа од зеленчук со пилешко или друг вид месо;

♦          Пиреа од зеленчук со легуминози (грашок);

♦          Леб, ориз и тестенини;

♦          Полномасни млечни производи како јогурт или сирења за мачкање (млечни намази);

♦          Полномасно млеко може да се користи само при подготвување на оброци кои содржат, на пример, зеленчук со цереалии.

Во оваа фаза, за време на оброкот (додека јаде) на бебето може да му се дават и меки делови од зеленчук или овошје кои може да ги држи во рака (на пример, обарено парче морков или брокола, парче излупено јаболко, банана), парче тост или евентуално пита.Бебињата треба да се поттикнуваат да ги пробаат и фамилијарните оброци подготвени за другите членови на семејството кои можат да бидат адаптирани за бебето. Притоа, важно е да се спомене дека во тие јадења не треба да биде додадено сол или шеќер при подготовката.За да заштеди време, мајката може однапред да ги подготви оброците, а потоа да ги замрзне, со можност да ги искористи подоцна за исхрана на бебето. Притоа, треба да се внимава на безбедноста при подготовката и чувањето на храната. Бебешката храна е најдобро да се чува или смрзнува во стаклени садови.Цврстата храна треба постепено да го заменува млекото во процесот на дохрана, но на бебињата сè уште како главен оброк треба да им се даде мајчино млеко или млечна формула, сè до возраст од 12 месеци (доволно е 500-600 мл млеко дневно).Доењето може да продолжи и по 12-тиот месец, но со задолжителна правилна дохрана на бебето.

Трета фаза во дохранувањето (од 9-12 месеци)

До оваа фаза бебињата би требало да имаат 3 оброци дневно како дохрана. Храната треба да е сечкана, изгмечена (пасирана) или измешана и треба да вклучува:

♦          Храна која содржи скроб (како леб, ориз, тестенини или моркови) 2-3 порции дневно;

♦          Овошје и зеленчук - во оваа фаза можат да се даваат сирови, обарени или сварени и дадени заедно со оброкот или посебно;

♦          Полномасно млеко и млечни производи, како сирење, јогурт и слично;

♦          Една или две порции дневно варено месо, риба, јајца (добро сварени) или мешункасти растенија, како грашок и слично.Во оваа фаза храната треба да биде добро исечкана, пасирана или измешана, но да не биде како пире, за да може бебињата да се навикнуваат да џвакаат.

Иако најголем дел од бебињата сè уште немаат или имаат само неколку заби, тие сепак може да гризат и да џвакаат како и да ја обработуваат храната користејќи го јазикот, плунката и непцата. Разновидната храна која треба да им се дава во оваа фаза ќе помогне во внесот на потребни витамини и минерали, но и ќе спречи бебињата подоцна да станат пребирливи во однос на храната. Црвеното месо (свинско, телешко или јагнешко) е одличен извор на железо. Железото исто така го има и во растителните продукти, како што е грашокот и другите мешунки, но послабо се ресорбира во системот за варење. Витаминот Ц од овошјето може да ја подобри ресорпцијата на железото од цревата, па затоа е добро бебето да јаде овошје и зеленчук за време на оброците. Полномасните млечни производи треба да му се даваат на бебето затоа што се богати со витамин А.

Што треба да се избегнува

Сол – Бебињата на возраст под една година треба да примаат помалку од 1 грам сол дневно затоа што нивните бубрези не можат да се справат со поголема количина сол. Храната подготвена дома не треба да се досолува. Иако најголем број од јадењата за бебиња не содржат додадена сол, другата преработена храна содржи, па затоа е важно да се проверат етикетите на производите за да се избегнат оние коишто содржина голема количина сол;

 Шеќер - Честото консумирање храна и пијалоци со шеќер може да доведе до оштетување на првите заби. Заради тоа, треба да се избегнува додавање шеќер во храната за бебиња или пак давање многу слатка храна, како бисквити или десерти, за време на дохранувањето;

 Мед - Медот не треба да им се дава на бебињата под едногодишна возраст затоа што постои ризик тој да содржи бактерии кои можат да предизвикаат сериозни заболувања (како на пример, доенечки ботулизам);

 Големи морски риби (ајкула, сабјарка и слично). Нивоата на тешки метали кои може да ги содржат овие риби може да влијаат врз развојот на нервниот систем на бебето доколку тоа консумира таква храна;

 Сирови јајца - Јајцата треба да се варат (тврдо варени) и да се избегнува секоја храна која содржи сирови или делумно сварени јајца;

 Јаткасто овошје (ореви, кикиритки, бадеми и сл.). Цели парчиња јаткасто овошје не треба да им се дава на деца под едногодишна возраст заради опасност од задавување. Оваа храна во овој период не е неопходна за бебето.

Додавање на пијалоци

Главен пијалок на бебињата до 12 месеци треба да биде мајчиното односно вештачкото млеко, доколку мајката не дои (500-600 мл дневно). Кравјото млеко не се препорачува до 12-месечна возраст на детето (но тоа може да се користи во подготовката на некои оброци по 6-месечна возраст). Најдобра алтернатива на млекото како течност, по 6 месеци, е водата. Ако се додава вода пред 6 месеци, таа треба да биде превриена и изладена на собна температура, независно дали е од водовод или е нискоминерална вода од шише. Овошните сокови може да се даваат по 6-месечна возраст, во почетокот разредени со вода. Поради нивната киселост и присуството на природни шеќери овошните сокови може да предизвикаат кариес и ерозија на денталниот емајл. Заради тоа, најдобро е овошните сокови да се даваат само за време на оброците.

Шема на исхрана на бебето од раѓање до 12 месечна возраст

Како потсетник за исхраната на бебињата во првите 12 месеци, предлагаме една едноставна шема, која не мора стриктно да се почитува, но се надеваме дека ќе помогне во организирањето на исхраната на бебињата во оваа возраст.

Од раѓање до 1 месец, Просечно 8-12 подои или млечна формула

Од 2 – 4 месеци, Просечно 8-10 подои или млечна формула

Од 5 – 6 месеци (може да се започне со дохранување), Просечно 6-8 подои или млечна формула, каши од зрнеста храна збогатена со железо (орис, овес, јачмен), 4-8 супени лажици дневно. Зеленчук, компир како пире 4-8 супени лажици дневно. Овошје како пире 4-8 супени лажици дневно. Вода 120-240 мл дневно.

Од 6-7 месеци, Просечно 4-5 подои или млечна формула;Каши од зрнеста храна збогатена со железо (ориз, овес, јачмен), 4-8 супени лажици дневно; Зеленчук, компир како пире или згмечено, од 4 до 8 супени лажици дневно; Овошје како пире или згмечено, од 4 до 8 супени лажици дневно; Црвено месо, телешко, јагнешко, зајачко, бело пилешко и мисиркино месо, риба (30-60 грама); ¼ жолчка од јајце;  Леќа, грашок (добро сварени, во вид на пире); 100% овошен или сок од зеленчук, свежо исцеден, без додавање на шеќер, од 90 - 120 мл дневно, да се дава со чашка, не во шише; сокот од грозје да се разредува со вода; Вода од 120 до 240 мл дневно.

Од 8-9 месци, Просечно 3-4 подои или млечна формула; Каши од зрнеста храна збогатена со железо (ориз, овес, јачмен), 4-8 супени лажици дневно; Зеленчук, компир како пире или згмечено, од 4 до 8 супени лажици дневно; Овошје како пире или згмечено, од 4 до 8 супени лажици дневно; Црвено месо, телешко, јагнешко, зајачко, бело пилешко и мисиркино месо, риба (60-90 грама);½ жолчка од јајце; Леќа, грашок (добро сварени, во вид на пире);100% овошен или сок од зеленчук, свежо исцеден, без додавање на шеќер, од 90 - 120 мл дневно, да се дава со чашка, не во шише; сокот од грозје да се разредува со вода; Кисело млеко и отсолено сирење во мали количини; Вода од 120 до 240 мл дневно.

Од 10-12 месеци, Просечно 3-4 подои или млечна формула;Каши од зрнеста храна збогатена со железо (ориз, овес, јачмен), 4-8 супени лажици дневно;Зеленчук, компир како пире или згмечено, од 4 до 8 супени лажици дневно;Овошје како пире или згмечено, од 4 до 8 супени лажици дневно;Црвено месо, телешко, јагнешко, зајачко, бело пилешко и мисиркино месо, риба (60-120 грама);1 жолчка од јајце; Белка од јајце;Леќа, грашок (добро сварени, во вид на пире);100% овошен или сок од зеленчук, свежо исцеден, без додавање на шеќер, од 90 - 120 мл дневно, да се дава со чашка, не во шише; сокот од грозје да се разредува со вода;Кисело млеко и отсолено сирење во мали количини;Вода од 120 до 240 мл дневно.

Примери за организирање на оброците на бебето од 5 до 12 месечна возраст

5 месеци

Рано наутро – подој или млечна формула

Појадок – подој или млечна формула

Ручек – подој или млечна формула + пире од зеленчук

Попладне – подој или млечна формула + житарки без глутен

Вечера – подој или млечна формула

Пред спиење - подој или млечна формула

Помеѓу оброците – малку разблажен овошен сок

6-7 месеци

Рано наутро – подој или млечна формула

Појадок – житарици со овошје + подој или млечна формула

Ручек – пире од зеленчук + жолчка или месо со зеленчук

Попладне – пире од овошје

Вечера – комбинирана житна каша + подој или млечна

формула

Пред спиење - подој или млечна формула

Помеѓу оброците – малку разблажен овошен сок

8-9 месеци

Рано наутро – подој или млечна формула

Појадок – житарки со овошје или ½ варена жолчка со малку

отсолено сирење и кисело млеко

Ручек – месо и зеленчук

Попладне – овошје + подој или млечна формула

Вечера – макарони со зеленчук

Пред спиење - подој или млечна формула

Помеѓу оброците – малку разблажен овошен сок

10-12 месеци

Рано наутро – подој или млечна формула

Појадок – житарки или кифла со путер и јогурт

Ужина – тврдо варено јајце со сок

Ручек – месо, риба, зеленчук

Ужина – овошје + подој или млечна формула

Вечера – палента или макарони со сирење и зеленчук

Пред спиење - подој или млечна формула

        

 

 

 

ПАМЕТЕН ПРЕБАРУВАЧ

.

.