Правилна исхрана на доенчиња и мали деца (втор дел)

babyfeeding

Колку пати треба да се дои бебето?

Дали бебето цица доволно млеко?

Треба ли на бебето да му се дава дополнително вода?

Дали бебето треба да се дои или храни секогаш кога плаче?

Исхрана со шише

Протеински состав на детската или инфант формула

потребно ли е дополнително додавање на витамини и минерали во првите 4-6 месеци?

 

Колку пати треба да се дои бебето

Бебето се дои толку често и толку долго колку што тоа сака. На тој начинсе создава и повеќе млеко заисхрана на бебето во градите на мајката.Доење по барање на бебето е клучот кон создавање и поддршка на оптимална лактација.Во почетокот, малите бебиња цицаат подолго и почесто, отприлика од 8-12пати во текот на 24 часа, но со возраста честотата на доењето и времето нацицање се намалува.

Дали бебето цица доволно млеко

Многу мајки си го поставуваат ова прашање. Дали имаат доволно млеко и дали бебето ја добива количината на млеко што му е потребна? Треба дасе знае дека при почитување на препораките за успешна лактација, секоја здрава мајка создава доволна количина на млеко кое му е потребно на

бебето, во зависност од неговата возраст. Многу ретко се случува мајката да нема доволни количини на млеко, но тоа е најчесто поврзано со некои здравствени проблеми на мајката (намалена функција на штитната жлезда, некои операции на дојките и понекогаш

емоционална напнатост и стрес). Треба да се остави бебето само да покаже дека примило доволно млеко во текот на доењето. Некои од знаците за тоа се бебето да ја пушти дојката

или да заспие. Ако мајката го дои бебето толку често и толку долго колку што тоа сака, таа ќе заклучи дека тоа е сито. Треба да се увери дали бебето го исцицало млекото од едната града, па тогаш да го постави да цица од другата града. При секое доење треба да се почне со градата која била втора во претходното доење.

Ноќното доење е важно кај малите бебиња. Во текот на ноќта тие можат да добијат толку млеко колку и во текот на денот. Ноќното доење, исто така, стимулира создавање на повеќе хормони кај мајката кои се важни за секреција на млекото. Сепак, секое бебе има различен однос кон ноќните

подои. Во периодот од 3-та до 6-та недела, повеќето доенчиња се будат ноќе

и бараат да цицаат. Некои пак немаат потреба од тоа, односно ги прескокнуваат ноќните подои. Други продолжуваат подолг период да ги бараат ноќните подои. Треба да се знае дека бебињата кои се дојат сакаат пократки временски интервали помеѓу секој подој, во однос на доенчињата кои се хранат со вештачко млеко („инфант формула“). Ритамот на исхрана кај бебето најчесто се воспоставува по еден месец од раѓањето.

Можете да бидете сигурни дека бебето добива доволно млеко во текот на подоите ако:

♦ Бебето добива само мајчино млеко и ништо друго;

♦ Доенчето не губи од телесната тежина до крајот на првата недела по

породувањето и добива во тежина до крајот на втората недела (треба

да се знае дека некои бебиња постојано ја зголемуваат телесната

тежина, а други помалку добиваат во тежина или не ја зголемуваат

тежината во текот на една недела, но потоа кога ќе почнат да цицаат

почесто и подолго ја компензираат тежината во наредните 1-2

недели);

♦ Бебето се буди и останува будно некое време.

Ако забележите дека бебето не расте во должина и не ја зголемува телесната тежина, постојано спие, без да има периодикога е будно, тогаш можеби тоа не добива доволно млеко. Има зеленикава столица која исто така може да покаже дека бебето не се храни доволно. Во тој случај треба да се консултирате со вашиот педијатар или матичен лекар.

Треба ли на доенчето да му се додава вода

Мајчиното млеко е истовремено и храна и течност. Количината на вода, неопходна за покривање на загубите од организмот и за обезбедување на растот, се содржи во мајчиното млеко или во

специјално подготвеното вештачко млеко за исхрана на доенчињата. Здравите бебиња до 6-месечна возраст немаат потреба дополнително од вода, дури и при повисоки (надворешни) температури. Кога е топло, бебето ќе бара дополнително доење или хранење со формула. По вклучувањето на слатка храна, бебето веќе има потреба од вода. Водата може да се додава кај бебиња кои се на вештачка храна

Дали бебето треба да се дои или храни секогаш кога плаче?

Обично бебињата плачат од некоја причина, но тоа секогаш не е поврзано со барање на храна. Затоа не треба да бидат хранети секогаш кога плачат. Треба да се види дали има некоја друга причина за тоа. Ќе наведеме некои состојби кога бебињата најчесто плачат и причините за тоа:

Некои бебиња кои се будат и плачат во кратки временски интервали

можеби не добиваат доволно млеко. Треба да се следи колку детето

цица, дали кога цица и голта или само ја држи брадавицата на дојката;

Некои бебиња плачат и кога се несоодветно облечени, многу облека

во топла просторија или пак премалку во многу ладна;

Бебињата плачат и кога се мокри, покакани, имаат гасови;

Некои бебиња плачат едноставно за да привлечат внимание;

Некои сакаат да бидат држeни во раце. Бебињата кои престануваат

да плачат веднаш кога ќе ги земат во раце, немаат потреба од храна.

Ако бебето е задоволено од сите аспекти, но продолжува да плаче, треба да се бараат причините за тоа. Задолжително е консултирање со матичен педијатар.

Исхрана со шише

Ако мајката не е во можност да дои, тогаш бебето може да се храни со „инфант формула“ (вештачко млеко адаптирано на возраста на бебето). За составот и дозволените состојки во вештачкото млеко постојат стриктни критериуми пропишани од Европската комисија (Правилник за посебните барања за безбедност на храната со посебна нутритивна употреба –

млечна храна за доенчиња, усогласен со Директивата 2006/141/EC на Европската комисија) за да се осигура дека формулата содржи препорачани количини на определени нутриенти и дека нивното додавање е внимателно регулирано. Тоа значи дека витаминскиот и минералниот состав кај различни производители на инфант формула е многу сличен иако тие може да се разликуваат во однос на изворот на протеини или додадените нови состојки.

Протеински состав на детската или инфант формула

Во инфант формулата има два типа на млечни протеини, казеин и сурутка. Мајчиното млеко содржи повеќе сурутка (60% сурутка, 40% казеин) и заради тоа и почетната формула содржи поголем процент на сурутка. Сурутката во однос на казеинот, како што е објаснето во неколку студии, полесно се вари и полесно поминува и се празни од стомакот и цревата. Кривите за раст на децата од раѓање до 4 години коишто се препорачани од СЗО и прифатени од најголем број земји во светот и кај нас, се базирани на оптималниот раст на здрави доени деца.

Содржина на масни киселини

Мајчиното млеко содржи омега 3 и омега 6 долговерижни незаситени масни киселини, кои се од клучна важност во доенечкиот период, бидејќи се неопходни за развојот на мозокот, нервниот систем и ретината (најважниот дел на окото поврзан со видот). Најголем дел од производителите на инфант формула ги додаваат овие масни киселини во производот и заради дополнителна причина докажанаво некои студии, односно заради нивниот ефект врз когнитивната функција и врз визуелната активност на доенчињата.

Пребиотици

Тоа се несварливи јаглехидрати кои играат улога на храна за „добрите бактерии“ во нашиот систем за варење. Мајчиното млеко содржи определен број од овие супстанции, во форма на олигосахариди (вид јаглени хидрати), па така кај доените бебиња се пронајдени повисоки нивоа на

корисната бифидо бактерија за која се смета дека игра улога во развојот на имуниот систем на бебето и одбраната од потенцијално патогените микроорганизми. Пребиотиците во форма на фруктоолигосахариди и галактоолигосахариди (вид јаглени хидрати) денес се додаваат во најголем број инфант формули и е докажано дека се ефективни во создавањето на цревна флора слична на онаа кај доените бебиња.

Заменување на мајчиното млеко со кравјо, козјо или овчо млеко пред бебето да наполни една година, води до недоволна исхранетост, железодефицитна анемија, нарушувања во

растот и развојот на бебето, појава на алергии и ризик од автоимуни заболувања.

Потребно ли е дополнително додавање на витамини и минерали во првите 4-6 месеци?

Мајчиното млеко ги содржи сите минерали и витамини, кои му се неопходни на бебето во првите 4-6 месеци. Основниот извор на витамин Д за организмот, како за мајката, така и за бебето, е создадениот витамин во кожата под влијание на ултравиолетовите зраци. Ако мајката не излегува често и не поминува доволно време надвор, на умерено сонце, синтетизираниот витамин во кожата, па според тоа и во нејзиното млеко, ќе биде недоволен. Ако бебето не се изнесува на прошетки секој ден или се изнесува добро завиткано, така што нема можност да биде изложено на

сончева светлина, создавањето на витамин Д во кожата ќе биде мало. Во такви случаи може да се појави рахит, особено кај децата родени во зимски период. Затоа е потребно превентивно додавање на 400 IE витамин Д3.

продолжува