Правилна исхрана на доенчиња и мали деца (прв дел)

Mother-and-Child

Исхрана во доенечка возраст

Доење

Зошто мајчиното млеко е најдобрата храна за бебето?

Исхрана на мајката за време на доењето

Што да избегнува мајката која дои?

Суплементи и доење

Подготовка на мајката и детето за доење

 

Раното детство е најранливиот период во развојниот стадиум на човекот. Во текот на првата година од животот доенчето има интензивен, брз раст и развој (три пати ја зголемува родилната телесна тежина и за 50% должината) и продолжува да расте во наредните години, но со помал интензитет. Заради тоа што брзиот раст е проследен со назначени промени во развојот, составот и функционирањето на органите, необезбедувањето на доволно нутриенти во овој период, може да доведе до несакани ефекти во растот и развојот.Периодот на детството, од 1 до 6-годишна возраст, се карактеризира со промени во интензитетот на растот, телесниот состав и промени во поглед на енергетските и нутритивните потреби, во споредба со доенечкиот период. Во првата година од животот децата линеарно пораснуваат за околу 25 см, а наредните години просечно по 5 до 8 см годишно. Во тој период истовремено се менува и телесниот состав. Се намалува процентот на масно ткиво во вкупната телесна маса, а се зголемува делот на немасното ткиво. Масното ткиво кај машките деца се намалува од околу 22,5% на околу 12,8%. Кај женските, тоа намалување се движи од 23,7% на околу 18,5% за повторно да почне да се зголемува по шестата година. Сите овие промени се одразуваат и на енергетските и нутритивните потреби на организмот на децата. Динамиката на растот, развојот и особеностите на биолошката структура на детскиот организам, ја поставуваат неговата исхрана на централно место. Добра, здрава и балансирана исхрана подразбира употреба на биолошки вредни прехранбени производи кои можат да ги задоволат енергетските потреби и да обезбедат квалитативен и квантитативен внес на важни хранливи материи. Само на тој начин се обезбедува хармоничен раст и развој на децата и заштита од заболувања.

Секој родител го сака најдоброто за своето дете. Родителите се судираат со многу прашања, од кои на почетокот најважно е како да се храни бебето?. Ова е особено значајно затоа што правилната исхрана со биолошки богати хранливи материи уште во првите денови по раѓањето е од исклучителна важност за растот, за физичкиот и менталниот развој и комплетно за неговото здравје, не само во раното детство туку и во подоцнежната возраст.

Советите кои ќе ги прочитате овде се наменети за исхрана на децата до 1 година, како и за исхрана на децата од 1-3 години. Како основа ги земавме советите дадени во прирачник за правилна исхрана на децата објавен од Институтот за јавно здравје на Република Македонија. Основи за насока во нивниот прирачник се современите научни препораки за доенчиња и мали деца на Сведстака здравствена организација и УНИЦЕФ, педијатриски асоцијации на Англија и САД.

Исхрана во доенечка возраст

Првите шест месеци

Мајката е таа која одлучува како ќе го храни бебето кое го очекува. Заради тоа е потребно однапред да ги знае сите можности за тоа како треба да го исхранува своето бебе, за да може да го одбере најдобриот начин за негова исхрана.

Доење

Доењето е најздравиот почеток на исхрана кој можете да му го дадете на бебето.Доењето е најдобриот избор за оптимална исхрана на бебето и се препорачува во целиот свет во првите шест месеци од неговиот живот. Доењето е природен начин на исхрана на бебето, со што се обезбедува идеална храна за добар почеток во животот.Маjчиното млеко ја обезбедува целата енергија и сите хранливи материи (нутриенти) кои му се потребни на бебето, а исто така и факторите на растот и имунолошките компоненти кои се важни за заштита од инфекции.Мајчиното млеко содржи над 300 различни состојки, а една од најважните работи е тоа што неговиот состав се усогласува според потребите на доенчето во фазите на неговиот раст и развој. Првото млеко, кое се создава во градите на мајката веднаш по породувањето, се вика колострум и има различен состав од млекото кое се создава подоцна (2-3 дена по раѓањето на бебето). Колострумот е богат со имуноглобулини, вид на протеини кои штитат од бактериски и вирусни инфекции, содржи висок процент на протеини, малку масти и е идеално подготвен да ги задоволи хранливите потреби на интензивниот раст на новороденото веднаш по раѓањето. Два до три дена по породувањето, колострумот се заменува со поразблажено млеко и бебињата добиваат поголем волумен млеко.Мајчиното млеко го менува својот состав со тек на времето приспособувајќи се на потребите за раст и развој на бебето, но тоа се менува и за време на самиот подој. Во почетокот на доењето, достапното млеко е побогато со енергија и хранливи материи, додека на крајот на подојот тоа е поретко, овозможувајќи му на бебето да добие повеќе течности.Ексклузивно доење значи исхрана единствено и само со мајчино млеко најмалку во првите 4 месеци, а се препорачува во првите 6 месеци од животот, без додавање на друга храна или течности, вклучувајќи ја и водата.Затоа, секоја мајка треба да се охрабрува, едуцира и поттикнува да го дои своето новородено дете најмалку 6 месеци.

Зошто мајчиното млеко е најдобрата храна за бебето?

Мајчиното млеко обезбедува идеална комбинација на хранливи материи за задоволување на потребите на бебето, а составот на млекото автоматски се менува со растот и развојот на бебето;

♦          Мајчиното млеко е идеално избалансирано во физичкиот состав, типот и концентрацијата на протеини, масти, јаглехидрати, витамини, минерали, ензими, хормони, фактори на раст, поттикнувачи и зајакнувачи на имуниот систем и антиинфламаторни материи, кои му се потребни на бебето за неговиот раст и развој во првата година од животот;

♦          Ексклузивното доење од најмалку 3 месеци е поврзано со помала зачестеност и поблаг облик на гастроентеритис (воспалителни процеси во системот за варење), инфекции на увото и респираторни инфекции кај доенчето;

♦          Сè побројни се доказите за поврзаноста на доењето со намален ризик од појава на дебелина и кардиоваскуларни фактори на ризик кај доенчето, како што се покачен крвен притисок и отпорност на инсулин во подоцнежниот животот.

            Доењето веројатно може да заштити од некои болести поврзани со имунолошкиот систем во подоцнежниот живот. Некои од тие болести се: дијабет, целијакија, воспалителни цревни заболувања, а можеби и рак, иако за да се потврди ова потребни се дополнителни истражувања;

♦          Мајчиното млеко целосно и лесно може да се искористи од сè уште недоволно развиениот систем за варење на бебето;

♦          Го намалува ризикот од алергии иако резултатите од истражувањата на оваа тема се сè уште неконзистентни;

♦          Не го оптоварува дополнително домашниот буџет.

Доењето има позитивни ефекти и врз здравјето на мајката

♦          Доењето е поврзано со намален ризик од рак на дојка, а веројатно и од рак на јајници во подоцнежниот живот;

♦          Доењето е поврзано со намален ризик од остеопороза и скршеници на колкот во периодот по менопауза;

♦          Доењето помага во побрзо намалување на телесната тежина и враќање на тонусот на матката по породувањето.

Исхрана на мајката за време на доењето

Особено е важно доилките да се хранат здраво, со разновидна и избалансирана исхрана. За време на бременоста резервите на определени нутриенти како железо, калциум и витамин Д во организмот можат да се намалат, а практикувањето на здрава исхрана ќе помогне за нивно надополнување. Потребите од енергија за време на лактацијата се зголемуваат [пресметано е дека при доењето дополнително се троши енергија од околу 650 килокалории (ккал) дневно]. Дел од оваа енергија се добива од мастите наталожени за време на бременоста. Мајките кои ексклузивно дојат 3-4 месеци имаат просечна дополнителна потреба од околу 500 ккал дневно. Дополнителните потреби од други нутриенти, особено од калциум и витамин Д, може да се задоволат со здрава и балансирана исхрана. Ако исхраната за време на бременоста и доењето не е соодветна, мајката ќе ги троши сопствените резерви на нутриенти, а со тоа тие ќе се намалат во нејзиниот организам.

Што да избегнува мајката која дои?

Мајките кои дојат треба да го ограничат внесот на кофеин и алкохол бидејќи нивни мали количини може да преминат во млекото. Тоа може да влијае врз спиењето и хранењето-цицањето на бебето. Употреба на било кои лекови не смее да биде без препорака од лекар или фармацевт.

Суплементи и доење

Здрава и разновидна исхрана вообичаено ги обезбедува сите витамини и минерали што ѝ се потребни на мајката за време на доењето. Сепак, понекогаш е тешко да се внесе доволна количина на витамин Д, особено во зимските месеци, така што би требало да им се советува на сите доилки да земат дневен додаток од 10 микрограми витамин Д во вид на суплементи.

Подготовка на мајката и детето за доење

Доењето треба да се одвива во чиста, умерено затоплена просторија, без присуство на многу луѓе. Пред да се отпочне со доење, доенчето треба да биде преповиено во чисти пелени (да не биде мокро/измочано или искакано). Рацете на мајката да бидат добро измиени и суви (Рацете на мајката треба да се измиени и чисти пред секоја манипулација со детето). Пред да се отпочне со доењето, дојките на мајката треба да се чисти и суви.Бебето во прегратките на мајката е во полуседечка состојба (со што се избегнува бебето да се засркне). Мајката треба да седи на стабилна површина со наслон, нозете да се подигнати и свиткани во колената и скутот, со што се олеснува бебето да се држи стабилно.

(продолжува)

ПАМЕТЕН ПРЕБАРУВАЧ

.

.