Целијакија – Чувствителност на глутен

gluten

Целијакија претставува доживотна болест а се јавува во втората година од животот. Целијакија е болест на цревните ресички, кои се одговорни за хранење на целиот организам, па затоа треба да бидат здрави и многубројни. Меѓутоа целијакијата го оневозможува нивното правилно функционирање.

 

Целијакија е доживотна болест на цревните ресички. Настанува на следниов начин: во одредени житарици (пченица, ‘рж, јачмен и овес) се наоѓа протеинот глутен кој кога ќе дојде до цревните ресички предизвикува нетолерантна реакција. Ваквата реакција предизвикува спречување на цревните ресички да си ја вршат својата улога и не ги пренесуваат важните прехранбени протеини, витамини и минерали до другите делови на организмот. Овие битни материи, детето ги исфрла преку столицата и на тој начин тие се отстрануваат од организмот. Оваа болест се манифестира на типичен и нетипичен начин.

 

Типичен облик на целијакија

 

Ваквиот облик се јавува кај 50% од заболените. Типичната целијакија се јавува во првите две години од животот на детето со следниве симптоми: хронична дијареа, надуен стомак, губење на апетитот, повраќање и губење на тежината. Детето станува физички слабо и изнемоштено, постојано се жали на болки во стомакот и по цел ден е раздразливо.

Кај доенчињата оваа болест се развива нагло со појава на воденеста дијареа, интензивни болки во стомакот, дехидрација, губење на електролити во крвта и намалување на крвниот притисок. Општата состојба на детето е многу тешка и ваквата состојба се нарекува целијачна криза.

 

Нетипичен облик на целијакија

 

Овој облик на болеста се јавува после втората година кај децата. Исто така, може да настане и кај повозрасни деца и кај возрасни. Проследена е со интензивна болка во стомакот, нема појава на дијареа но може да се појави запек, а детето заостанува во својот раст, губи од својата тежина и му касни пубертетскиот период. Кај заболените со нетипичниот облик на целијакија, се појавува слабокрвност а поради губењето на калциумот, коските стануваат шупливи и слаби. Често се јавуваат и ранички во устата и на јазикот, а во подоцнежните години се јавува и неплодност. Кожата е воспалена, на лактовите и колената се појавуваат ситни меурчиња кои предизвикуваат иритација и чешање. Ова се нарекува и кожна целијакија.

 

Дијагноза

 

Доколку кај детето се појават горенаведените симптоми потребно е да се изврши специјална дијагностичка анализа: во крвта се мери количината на антителата на глутаминот. Доколку анализите укажуваат на оваа болест, се прави биопсија на тенкото црево. Откако ќе се постави сигурна дијагноза за целијакија, детето се става на строга исхрана во која глутенот треба да изостанува.

 

Терапија

 

Неопходно е исхраната без глутен да се практикува и одржува целиот живот. Со правилен режим и редовни контроли, детето се развива правилно и физички и психички. Кон секојдневната исхрана треба да се додаваат и неопходните минерали и витамини за организмот.

 

Компликации

 

Целијакијата мора да се лекува со постојани диети. Оние кои ја имаат оваа болест а не држат диети, имаат до 40 пати зголемен ризик од појава на други малигни болести (рак на цревата и рак на лимфните ткива). Зголемен е и ризикот од појава на дијабетис, болести на тироидната жлезда, црниот дроб и надбубрежните жлезди.

 

Епидемиологија

 

Во целиот свет од целијакија боледуваат околу 1%. Меѓутоа само кај 15% е дијагностицирана оваа болест и третирана, а кај останатите, се лекуваат од најразлични симптоми. Па поради тоа, оваа болест се нарекува болест со илјада лица.

 

На крајот една мала утеха за сите мајкикај децата кои се хранат со мајчино млеко имаат помал ризик од заболување со целијакија