Haemopthysis (Хемоптиза) – искашлување на крв

simptom3

 

Под поимот хемоптизис се подразбира искашлување на крв од белите дробови и трахеобронхијалното стебло.

 

Причини за настанување

Најважните причини за искашлување на крв се карциноми на бронхите, туберкулоза, бронхиектазии и емболија нa белите дробови. Поретки причини се акутните вирусни инфекции, габични инфекции на белите дробови, карциноиди, паразитози, малформации на крвните садови, синдромот на Гудпастер, цистична фиброза, белодробен апсцес, инхалација на агресивни респираторни нокси и туѓи тела во дишните патишта.

Надвор од белодробните причинители, најчести причини за хемоптиза се кризите на артериска хипертензија, посебно кај лица со фиброзни промени на белодробието и болести со хеморагична дијатеза. Хемоптизите може да бидат поврзани со менструалниот циклус, во случај на ендометриоза или хормонски промени. За искашлување на крв допринесува напорната физичка работа, изложување на прекумерна топлина и студенило и земање на ацетилсалицилна киселина како и лекови со слично дејство.

 

Клиничка слика

Хемоптизите може да бидат во вид на траги на крв во исплувокот, во вид на мали количини на крв или профузни, кои често водат до летален завршеток, поради акутнoто искрвавување или задушување (суфокација) со крв. Светлата, понекогаш пенеста крв укажува на свежо крварење, додека крвта која некое време била присутна во белите дробови е темна и делумно коагулирана. Розеникавиот пенлив исплувок, пратен со гушење, укажува на едем на белодробието.

 

Дијагноза

Секое искашлување на крв побарува детално испитување на болниот. Дијагнозата на основното заболување се поставува врз основа на анамнезата, објективниот наод, преглед на исплувокот, рентгенграфија на граден кош, КТ – компјутеризирана томографија, МРИ – магнетна резонанца, испитување на белодробната функција, сцинтиграфија на белите дробови и др.

 

Терапија

Се лекува основното заболување кое е причина за хемоптизата.