Диета „Утринска банана“

dieta2

Диетата „Утринска банана“ е едноставна популарна диета која пред три години предизвика недостаток на банани на јапонскиот пазар. Создадена од Сумико Ватанабе за нејзиниот сопруг Хитоши, диетата прво ги освои јапонските ентузијасти за слабеење, а потоа се прошири низ целиот свет.

Диетата „Утринска банана“ е лесна, не е скапа и не бара да броите калории, ниту пак да исфрлите одреден тип производи од исхраната.

Правила на диетата

  1. Јадете банана за појадок. Денот треба да го започнете со консумирање на банана. Доколку една банана не ве заситува, можете да изедете уште една, но не треба да се прејадувате. Бананите треба да се консумираат свежи.
  2. Со бананата напијте се една чаша вода на собна температура. Водата не треба да биде ладна или топла, туку задолжително на собна температура. Доколку сакате да се напиете кафе, сторете го тоа 20 минути по појадокот.
  3. Консумирајте нормален ручек и вечера. Со оваа диета не се ограничува внесувањето на калории, ниту пак се бара одредени производи да се исфрлат од исхраната. Сепак, ако сакате диетата да биде ефективна, потребно е да ја намалите консумацијата на мрсна храна. Единственото правило што треба да го почитувате е да не се прејадувате, т.е. јадете додека не бидете 80% заситени.
  4. Забранета е консумацијата на десерти. Не треба да се консумираат ниту слатки, ниту солени десерти по оброците.
  5. Единствено во 15 часот попладне дозволена е слатка ужина. Можете да каснете неколку коцки чоколадо или едно мало колаче.
  6. Вечерата не треба да биде подоцна од 20 часот. Се препорачува последниот оброк во денот да ви биде во 18:00.
  7. Вежбајте ако сакате и само ако тоа не ви создава стрес и болка. Диетата го предлага вежбањето како опција.
  8. Задолжително легнете си пред полноќ. Колку порано, толку подобро.

Позитивни страни

Популарноста на диетата со банани најмногу се должи на фактот што е лесна, не е скапа и не е потребно броење на калории или исфрлање на одреден тип производи од исхраната.

Луѓето лесно се привикнуваат кон новиот начин на хранење, а диетата можат да ја практикуваат дури и најзафатените затоа што не е потребно да се приготвуваат специјални оброци.

Освен тоа, бананите се одличен извор на калиум и растителни влакна, па го подобруваат варењето на храната и го намалуваат чувството на глад.

Уште една позитивна страна на диетата е што препорачува легнување пред полноќ. Научно е докажано дека недостатокот на сон придонесува за зголемување на телесната тежина, а добриот сон помага во одржувањето на здрава тежина.

Негативни страни

Диетата „Утринска банана“ не е создадена од медицински лица и нутриционисти. Сепак, најголема критика кон оваа диета е тоа што не постојат ограничувања во однос на ручекот и вечерата. Противниците на диетата сметаат дека таа не може да биде успешна ако е дозволено да се консумира секаква храна за време на ручекот и вечерата.

Исто така, како минус се смета и тоа што диетата не вклучува вежбање, туку само го наведува како опција.

Времетраење и резултати

Диетата „Утринска банана“ започна да го привлекува вниманието на Јапонците желни да ослабат откако Хитоши Ватанабе објавил дека со нејзина помош ја намалил својата тежина за 16,8 килограми.

Но, кога јапонската оперска пејачка Кимико Мори јавно признала дека ослабела скоро 7 килограми за 6 недели, диетата со банани станала апсолутен хит во Јапонија. Тогаш увозот на банани во Јапонија бил зголемен за 25%, но ниту тоа не успеало да ја покрие побарувачката, па полиците за банани во маркетите останале празни извесен период.

Приврзаниците на овој режим на исхрана препорачуваат диетата „Утринска банана“ да се практикува најмалку 2 седмици. Најголем дел од луѓето воопшто не чувствуваат дека се на диета, па се придржуваат кон горенаведените правила подолго време.

На интернет форумите и блоговите, оние коишто успеале да се придржуваат кон диетата објавуваат најразлични резултати. Но, реално е да се очекува намалување на тежината со 3-3,5 килограми за период од две недели.

За да постигнете максимален ефект, намалете ја консумацијата на мрсна брза храна, не се прејадувајте и практикувајте физичка активност најмалку 30-45 минути дневно.

ПАМЕТЕН ПРЕБАРУВАЧ

.

.